Институциите во Северна Македонија се посветени на блиската соработка со Советот на Европа и ЕУ, во делот на извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), како и за понатамошна консолидација на Надворешниот механизам за контрола, кој ги штити жртвите чии човекови права се повредени од страна на лицата со полициски овластувања или затворската полиција. Ова беше еден од заклучоците на тркалезната маса одржана денес во Скопје, на која учествуваа д-р Елена Мујоска Трпевска, проф. д-р Александра Груевска – Дракулевски и м-р Крсте Маљановски од Македонското пенолошко друштво, претставници од Министерството за правда и затворските власти, како и делегација на Советот на Европа од Одделението за извршување на пресуди на Европскиот суд за човекови права.

На состанокот се дискутираше за пресудите на ЕСЧП од групата Китановски, односно осумте предмети кои главно се поврзани со полициско малтретирање и неефективна истрага. Советот на министри на Советот на Европа врши надзор над извршувањето на оваа група пресуди од 2015 година, оценувајќи дека властите треба да вложат дополнителни напори, за да се исполнат меѓународните обврски според Европската конвенција. Од 2021 година, оваа група на предмети е под надзор на Советот на министри според зајакнатата процедура.

Надворешниот механизам за контрола беше основан со поддршка од Европската Унија и Советот на Европа во 2018 година. Механизмот се фокусира на случаите каде лицата со полициско овластувања, при извршување на службена задача или надвор од службата, со употреба на сила, средства за присилба или сериозна закана сториле кривично дело при што настапила смрт, тешка телесна повреда, телесна повреда или противправно лишување од слобода, мачење и друго сурово нечовечко или понижувачко постапување.

Тркалезната маса беше организирана во рамките на Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција – Фаза III, финансирана од Европската Унија и Советот на Европа преку проектот за „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија”.

Линк до објавата тука