На 4 февруари 2020 беше потпишан меморандум за соработка меѓу четири здруженија за формирање на Правничка истражувачка мрежа (ПИМ). ПИМ претставува стручна, невладина, непартиска и непрофитна организација која е активна како во полето на правните истражувања така и во унапредување на правната теорија и практика. Со знаењето и иновативните капацитети кои ги поседува мрежата, се промовира и унапредува принципот на владеење на правото а дополнително, влијае на јавните политики преку подготовка на истражувања и анализи. Нашите истражувачки активности се насочени кон заштита на човековите права како темелна основа и вредност на македонското општество.

Користејќи ја сопствената шареноликост, во смисла на искуството и експертизата на членовите, организацијата постојано ги следи и активно учествува во реформите на правниот систем во Република Северна Македонија преку подготвување и одржување на семинари, работилници, тркалезни маси и советувања за актуелни прашања преку кои ја манефестира својата социјално-одговорна улога и суштествена положба во невладиниот сектор.

ПИМ e формирана од четири здруженија кои се занимаваат со истражувања и проблематиката на правото и правдата, Македонско пенолошко друштво, Здружението за кривично право и криминологија на Македонија, Здружението Мој Правен Советник Скопје и Советот за превентива против малолетничката деликвенција.