Хелсиншкиот комитет за човекови права на 31.10.2023 организираше настан за презентација на документот „Мониторинг на спроведување на стратегијата за развој на пробациска служба во Република Северна Македонија (2021-2025)“- период на следење 2021 и 2022 година, подготвен од Хелсиншкиот комитет за човекови права во партнерство со Здружение на млади правници, Македонско пенолошко друштво и Здружение ИЗБОР во рамки на проектот „Воспоставување услуги во заедницата за поддршка преку ресоцијализација и реинтеграција на поранешни осудени лица“, финансиран од Европската Унија.
Стратегијата претставува еден сеопфатен стратешки документ кој дава патоказ за реформите што треба да се направат во рамките на пенитенцијарниот систем. Во таа насока, целта на анализа беше да процени дали, во колкава мера и на кој начин се одвива имплементацијата на предвидение активности, каков е нивниот квалитет и динамиката на меѓуинституционалната соработка во полето на пробацијата.
Целта на оваа анализа е да се испита подетално спроведувањето на Стратегијата и да се воспостави и спроведе независен систем на мониторинг. Самата пробација, всушност, значи воспоставување ефикасен систем на санкции и заштитни механизми што придонесуваат кон намалувањето на криминалитетот, зголемување на заштитата на општеството и на јавната безбедност, како и кон ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица.
Во периодот 2021 – 2022 година спроведувањето на Стратегијата предвидува изготвување и донесување прописи (закони, законски измени и други акти), спроведување на конкретни активности (на пример, зголемување на човечките и техничките капацитети на пробациската служба и сл.), како и меѓуинституционална соработка во полето на пробација (одржување на тркалезни маси со релевантни институции, квартални средби итн.).
Со Акцискиот план на Стратегијата за развој на пробациската служба во Република Северна Македонија се утврдени активностите во рамките на секоја цел и резултат утврдени со Стратегијата, а дополнително се утврдени и временска рамка и индикатори за нивно исполнување. Во таа насока, целта на оваа анализа е да процени дали, во колкава мера и на кој начин се одвива примената на Стратегијата за периодот за кој е предвидена. Дополнително, анализата ќе оцени дали резултатите и активностите се имплементираат навремено, во согласност со временската рамка, каков е нивниот квалитет и динамиката и меѓуинституционалната соработка во полето на пробацијата. Од друга страна, ќе се анализира и влијанието на реформите врз почитување на човековите права, па во согласност со добиените резултати од мониторингот на Стратегијата, Анализата ќе понуди и заклучоци и препораки за натамошен развој на пробациската служба.
Набљудувањето, како независен систем за мониторинг, ќе придонесе за поголема отчетност на надлежните институции кои се одговорни за спроведување на конкретните активности утврдени во Стратегијата
Линк до публикацијата на македонски јазик
Линк до публикацијата на англиски јазик
Линк до публикацијата на албански јазик