На 23 февруари 2021 година, дел од членовите на проектниот тим што го спроведуваат проектот „Превенција на детско престапништво“ беа поканети да учествуваат на редовната седница на Државниот совет за детско престапништво. На седницата д-р Елена Мујоска Трпевска, м-р Ненад Алексиќ и м-р Игор Петровски од ПИМ имаа можност да ги изложат своите наоди од спроведеното истражување во рамките на првата фаза од проектот.
Д-р Елена Мујоска Трпевска, претседателка на Здружението “Македонско пенолошко друштво” го отвори излагањето со кратка презентација на главните цели и предвидени и очекувани резултати од проектот. Според д-р Мујоска Трпевска „Превенција на детско престапништво“ произлезе од потребата за суштинска анализа на ситуацијата во Република Северна Македонија во однос на општинските совети за превенција на малолетничко престапништво нивното функционирање, ефикасност и ефективност. Таа нагласи ја нагласи неприфатливата моментална состојба каде што е утврдено постоење на формирани совети во 18 општини, но дел од нив се целосно нефункционални а останатите не работат со полн капацитет. На тоа се надоврзува и потребата да се добијат пореални податоци и слика за она што се случува во рамките на детското престапништво.
Изработката на програми за превенција на детското престапништво според д-р Мујоска Трпевска е формална обврска на надлежните органи но податоците од локално ниво, што се предмет на анализа на споменатиот проект, овозможуваат таргетирање на најзастапените ризик фактори во конкретната локална самоуправа.Таа го продолжи своето излагање со објаснувањето дека “за подобро да се разбере изворот на детското престапништво потребна е научна анализа – да се дознае што се основните причинители односно ризици на детското престапништво земајќи ги предвид локалните фактори”. Откако подобро ќе се разбере изворниот проблем на детското престапништво може да се влијае врз креирање на соодветни политики но и ажурирање на посточеките кои очигледно, не ги даваат потребните резултати. На крајот, не е доволно само да се изградат политики засновани на научни сознанија туку и институциите адекватно да функционираат, со цел правилно и соодветно спроведување на предложените политики.
Вториот дел од излагањето го започна м-р Игор Петровски од “Мој Правен Советник”. Според м-р Петровски податоците покажуваат рапидно зголемување на детското престапништво во 2020 година, кога и покрај условите на пандемија, вкупната бројка е поголема одошто за цела 2019 година. Од добиеното објаснување од ЈУ МЦСР Скопје ваквото зголемување на облиците на детското престапништво, што ги опфаќа и децата во ризик и децата во судир со законот, се должи на зголеменото вршење прекршоци во однос на непочитување на полицискиот час.
Во своето излагање м-р Петровски истакна дека во 2017 година, забележано е зголемување од 20% на кривичните дела извршени од деца споредбено со претходната година. Имено, евидентирани се вкупно 1053 кривични дела извршени од 1584 деца, при што во најголем дел децата извршиле дела од кои потпаѓаат под категоријата на имотниот криминал (вкупно 863 дела) или дури 82% од вкупните кривини дела извршени од деца. Она што загрижува е дека во децата во голем се сторители на кривични дела со елементи на насилство (три убиства во обид, 13 тешки телесни повреди и 40 разбојништва). Оваа статистика укажува на тоа дека кај овие деца имаме сериозен проблем со нарушено однесување на кое треба многу да се работи со цел отстранување на причините кои доведуваат до тоа едно дете да изврши ваков тип на кривични дела. М-р Игор Петровски нагласи дека во рамките на детското престапништво, се јавуваат и следниве кривични дела: недозволената трговија (23 кривични дела), економскиот криминал (шест кривични дела) и дела од областа на организираниот криминал (две кривични дела).
Јавната презентација ја заврши м-р Ненад Алексиќ, претседател на здружението “Мој Правен Советник”. Според м-р Алексиќ од анализираните статистички податоци, како повоочливи информации се оние дека на територија на градот Скопје во 2017 година се регистрирани вкупно 13 случаи на лекувани деца во ПЗЗ и болничко-стационарните здравствени установи, кај кои како причина на лекувањето се наведува самоповредувањето како последица на насилство. Според м-р Алексиќ оваа информација заедно со статистичкиот податок дека вкупно биле регистрирани 88 деца во болничките установи кои биле лекувани поради насилство врз нив, претставува бројка која никако не смее да се занемари со оглед на тоа дека се работи за тип на криминалитет со вообичаено висока „темна бројка“ на регистрирани случаи.
Понатаму, од податоците од МВР во рамките на извештајот на НКТ е евидентирано дека е доста висок бројот на деца – жртви на сексуална злоупотреба и на запуштање и малтретирање, односно вкупно 151 дете.
Во однос на податоците од центрите за социјална работа, воочлив е податокот дека од вкупно регистрирани 327 деца жртви на насилство во 2017 година, повеќе од 1/3 од нив се на возраст помеѓу 6 и 10 години, што исто така претставува загрижувачки податок со оглед на тоа што се работи на многу ранлива категорија на деца.
За крај, истакна м-р Алексиќ дека истражувачкиот тим се осврна на податоците од основните и средните училишта во државата кои произлегуваат од Посебениот извештај од спроведеното истражување за насилство меѓу учениците во основните училишта – меѓуврсничко насилство, објавен од страна на Народниот правобранител во октомври 2019 година како и истражувањето „Актуелна состојба за постоење, превенција и справување со насилство во средните училишта“, во 15 (петнаесет) средни училишта во осум општини од Р.С. Македонија, од Коалиција на младински организации СЕГА, објавено во јули 2019. Во однос на основните училишта воочливо е тоа што за само 2 години на територијата на целата држава биле изречени вкупно 1400 педагошки мерки во училиштата за сторено насилство меѓу кои почести се мерките усна и писмена опомена, како и мерката укор, додека поретки се мерките преместување на ученик во друга паралелка и друго училиште. Како заклучок од овој дел на анализата произлезе тоа дека примената на мерките се разликува од регион до регион во државата.
Оваа појава треба да биде поттик за понатамошна анализа и евидентирање на конкретните причини за фактот што во Тетовскиот регион многу почесто се изрекуваат мерки на преместување ученик во друга паралелка и училиште, додека пак во другите региони се доминантни полесните мерки.
Целосниот извештај од јавната презентација е достапен на следниот линк.
Фотографии од настанот се достапни тука.
Објавената анализа на ризик факторите за појава на детско престапништво е достапна на следниот линк.
Објавата на Државниот совет за детско престапништво за јавната презентација на Анализата на ризик факторите, достапна на следниот линк.