Реформата на пенитенцијарниот систем ги опфаќа активностите за нејзино приближување до европските стандарди кои значат
унапредување и хуманизирање на системот за извршување на санкциите. Во тие рамки особено е важна правилна практична имплементација на законската и подзаконската регулатива со која е опфатено извршувањето на санкциите, подобрување на условите за престој на лицата лишени од слобода во пенитенцијарните установи, но и јакнење на капацитетот и професионалноста на вработениот персонал, како и зајакнат надзор над работењето на пенитенцијарните установи.

Ресоцијализацијата како една од главните цели на извршувањето на санкциите, заедно со реинтеграцијата и социјалната адаптација, како и со успешниот пост-пенален третман се клучните фактори за намалување на рецидивизам кај лицата што издржале казна затвор. Продолжува процесот на унапредување на пробациската служба и практична имплементација на Законот за пробација. Значителен е придонесот на Европскиот комитет за превенција на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (КПТ) во насока на идентификување на прашањата и областите, каде што е неопходно да се предвидат дополнителни мерки и да се преземат активности за надминување на констатациите на КПТ.

Информации и податоци за функционирањето на пенитенцијарниот систем се содржани во повеќе извештаи како од домашни, така и од меѓународни институции и организации, како што се: годишните извештаи на Управата за извршување на санкциите за состојбата и работењето во КПУ и ВПУ, годишните извештаи на Народниот правобранител, извештаите од реализирани редовни и вонредни (ad hoc) посети на КПТ, извештаи од мисии за оценување, извештаи од извршени посети на Меѓународниот комитет на црвен крст, како и други меѓународни тела и организации од кои се добива објективна и сеопфатна слика за начинот на кој функционира затворскиот систем во државата, со идентификување на областите на коишто мора да им се обрне посебно внимание.

Македонско пенолошко друштво учествуваше на Тркалезната маса за нацрт Националната стратегија за развој на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија (2021-2025 г.) што се одржа на 5 февруари 2021 година, во организација на Програмска канцеларија на Совет на Европа во Скопје.

Повеќе информации на следниот линк.