Следно, како дел од истражувањето беше утврдено дека е потребна анализа на учесниците во насилството по пол и возраст. Од истражувањето беше утврдено дека скоро еднаков број на ученици се учесници во насилство од пониските и повисоките години на образование, што е само потврда на податокот дека „модусите“ на насилство еволуирале и со што „традиционалното“ физичко насилство денес е заменето со други видови на насилство кои можат да ги практикуваат сите ученици, без разлика на нивната возраст.

Кога е во прашање полот на учесниците во насилство ги добивме можеби најнеочекуваните резултати. Условно кажано „само“ 50% од насилството се случува помеѓу ученици од машки пол, додека скоро 30% од насилството се случува помеѓу ученички од женски пол. Во овој дел од статистиката влезе и „мешовитото“ насилство помеѓу ученици од машки и женски пол со скоро 20% од одговорите на испитаниците. Со оглед на истражувањата кои претходеа на креирањето на анкетниот прашалник, наведуваа на тоа дека насилството е „резервирано“ за ученици од машки пол, добиените податоци сметаме дека повторно покажуваат дека насилството е сериозно променето во однос на тоа во минатото. Споментатите претходни истражувања имаа во предвид податоци кои произлегуваа од Министерството за внатрешни работи, Центрите за социјална работа, судовите и обвинителствата и можеби тука треба да се најде причината за ова несогласување бидејќи ова се органи кои најчесто го детектираат „сериозното физичко насилство“ кое сепак е резервирано само за учениците од машки пол согласно нашите истражувања.

Потврда на се од горенаведеното е фактот дека според нашите истражувања, женските ученици „водат“ во однос на машките кога е во прашање навредувањето, исмејувањето и емоционалното и психичкото насилство додека пак машките и женските ученици се изедначени кога е во прашање Cyberbullying како вид на насилство.

Како заклучок од овој дел произлегува дека дискрепанцата помеѓу машките и женските насилници е сериозно намалена. Потврдена е претпоставката дека физичкото насилство и малтретирањето се резервирани за машките ученици, но во останатите видови на насилство голем удел имаат и ученичките од женски пол. Тема на понатамошна анализа претставува податокот дека постои и „мешовито“ насилство помеѓу ученици од машки и од женски пол за кое сметаме дека треба да се третира и анализира индивидуално со цел откривање на причините за негова појава како и сузбивање на истото.

На крајот од прашалникот, испитаниците имаа можност да дадат свои предлози за решавање на проблемот со насилството во училиштата. Во овој дел имаше навистина многу одговори и предлози по што ги сумиравме следните:

  • Креаирање на работилници на тема насилство ко која ќе учествуваат сите чинители (вработените, учениците, родителите);
  • Разговарање на темата насилство за време на класните часови, но и редовна дискусија за време на часовите;
  • Спроведување на активности за креирање на тимски дух помеѓу учениците и наставниците;
  • Создавање на креативни работилници на кои ќе учествуваат ученици од различни училишта и паралелки и различни националности и верски определби со цел поблиско запознавање со врсниците;
  • Преземање на мерки од страна на училиштата уште при најмал сомнеж за постоење насилство во конкретен случај;
  • Спроведување на обуки на тема насилство за вработените во училиштата;
  • Спроведување на посебни обуки за родителите со цел правилно воспитување на нивните деца;
  • Креирање кодекси на однесување во училиштата и доследно спроведување на политиката: „0 толеранција на насилство во училиштата“.
  • Соочување на насилниците и жртвите под надзор на стручни лица со цел надминување на конкретниот проблем;
  • Примена на построги казнени мерки за сторителите;
  • Преземање мерки за потенцирање на личната одговорност на сторителите.

 

За крај истакнуваме дека нашиот тим е задоволен од рализацијата и одговорите на прашалникот и констатира дека испитаниците имаат мотив и идеи за сузбивање на насилството во нивните училишта. Оваа желба за подобрување секако треба да се искористи  во насока на спроведување на конкретни активности по ова прашање и преку примена на горенаведените предлози на испитаниците кои секако најдобро ја познаваат состојбата „на терен“ бидејќи секојдневно работат со учениците.

Заклучок е дека насилството во училиштата постои во најразлични форми и облици поради кои е потребен сериозен индивидуален третман на учесниците во него, а неговата „модернизација“ бара од надлежните промена на пристапот при неговото сузбивање и превенирање.

Повеќе информации за проектот тука. 

Истражувачки тим: 

м-р Игор Петровски

д- р Елена Мујоска Трпевска

м-р Константин Битраков

Координатор на проект:

проф. д-р Гордана Лажетиќ