На 26 септември 2025 година во Македонската академија на науките и уметностите се одржа јавна расправа за предложените измени и дополнувања на Законот за извршување на санкциите, со цел унапредување на затворскиот систем во Република Северна Македонија. Настанот беше организиран во соработка на Македонско пенолошко друштво, Министерството за правда, Управата за извршување на санкциите и Здружението за кривично право и криминологија.



Главната цел на расправата беше да се разгледаат предложените решенија за подобрување на условите во пенитенцијарните установи, зајакнување на безбедносните стандарди, како и обезбедување на поефикасна и похумана примена на санкциите во согласност со европските стандарди и меѓународните обврски на државата.



Директорот на Управата за извршување санкции при Министерството за правда, Александар Пандов, посочи дека работната група која работела околу година на предлог законските измени била составена од професори, судии, вработени во Управата за извршување санкции, од затворски синдикат, затворска полиција и институции, како Фондот за здравство и МОН.



Професорката Гордана Лажетиќ, која е претседателка на работната група за подготовка на предлог измените на Законот за извршување на санкциите, рече дека извршувањето на санкциите е исклучително важна фаза, финале на кривичната постапка и наша главна задача е да го унапредиме и зајакнеме целиот систем и направиме поефективен со поголема отчетност и да се воведат одредби кои ќе значат олеснување и во делот на работа на судиите, и во делот на комуникација меѓу органите и секако усогласување со измените на проектот „Безбеден град“.



Предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите беше објавен на ЕНЕР и по завршување на јавната дебата и пристигнатите мислења Работната група ќе направи финални предлог законски решенија.


