Публикацијата „Патот кон ресоцијализација и реинтеграција: Аналитичка студија за улогата на институциите, политиките и заедницата во враќањето на осудените лица во општеството“ (авторки: доц. д-р Елена Мујоска-Трпевска и проф. д-р Гордана Лажетиќ), претставува сеопфатна и систематска анализа на еден од најкритичните сегменти на современиот кривично-правен систем – процесот на ресоцијализација и реинтеграција на поранешните осудени лица во Република Северна Македонија

Студијата ја разгледува правната, институционалната и политичката рамка што го уредува извршувањето на санкциите, пробацијата и постпеналната поддршка, при што посебно внимание се посветува на улогата на клучните актери: казнено-поправните установи, пробациските служби, центрите за социјална работа, граѓанскиот сектор и локалната заедница. Анализата ги вклучува и укажувањата на Народниот правобранител, Комитетот за превенција од тортура, како и на Европската комисија во однос на условите во затворите и ефективноста на третманските и ресоцијализациските програми.

Во фокусот на публикацијата е и прашањето на рецидивизмот и неговата поврзаност со социо-економските фактори, образованието, вработливоста и достапноста на услуги по отпуштањето од установите. Преку анализа на казнената статистика, профилите на осудените лица и примената на алтернативните мерки и условниот отпуст, студијата нуди јасна слика за системските слабости, но и за потенцијалите за развој на поефективни, одржливи и хумано ориентирани политики.

Публикацијата е изработена во рамките на проект финансиран од Европската Унија и се темели на интердисциплинарен пристап што комбинира квантитативни податоци, анализа на законодавството и институционалната пракса, како и компаративни добри практики од европски контекст. Финалниот дел содржи конкретни, јасно структурирани препораки на стратешко, институционално и локално ниво, насочени кон јакнење на меѓуинституционалната координација, развој на услуги во заедницата и градење систем кој обезбедува вистинска „втора шанса“ за лицата што се враќаат во општеството.

Студијата е достапна тука