На 29 април 2025 година се одржа тркалезна маса на тема „Пробациската служба – алатка за унапредување на пенитенцијарниот систем“, организирана од Хелсиншкиот комитет за човекови права во партнерство со Македонското здружение на млади правници, Македонското пенолошко друштво и Здружението „Избор“. Настанот беше реализиран во рамки на проектот „Воспоставување услуги во заедницата за поддршка преку ресоцијализација и реинтеграција на поранешни осудени лица“, финансиран од Европската Унија.

Во рамки на настанот беше презентиран документот „Мониторинг на спроведување на стратегијата за развој на пробациската служба во Република Македонија (2021–2025)“ за периодот на следење 2024 година, подготвен од Хелсиншкиот комитет. Анализата имаше за цел да процени дали, во колкава мера и на кој начин се одвива имплементацијата на предвидените активности, квалитетот на нивното спроведување и динамиката на меѓуинституционалната соработка во полето на пробацијата.

Настанот овозможи отворена дискусија меѓу претставниците на институциите, невладиниот сектор и експертите, со цел размена на искуства, идентификација на предизвици и формулирање препораки за понатамошно унапредување на пробациската служба и намалување на затворската пренатрупаност преку алтернативни мерки и ефективна ресоцијализација.

Во 2021 година беше изработена Стратегијата за развој на пробациска служба во РСМ 2021 – 2025 (во натамошниот текст: Стратегијата), која предвидува широк спектар на резултати што треба да се постигнат од страна на повеќе надлежни институции.

Стратегијата претставува еден сеопфатен стратешки документ кој дава патоказ за реформите што треба да се направат во наредниот период.

Целта на оваа анализа е да се испита подетално спроведувањето на Стратегијата и да се воспостави и спроведе независен систем на мониторинг. Самата пробација, всушност, значи воспоставување ефикасен систем на санкции и заштитни механизми што придонесуваат за намалување на криминалитетот, зголемување на заштитата на општеството и на јавната безбедност, како и за ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица.

Во 2024 година спроведувањето на Стратегијата предвидува изготвување и донесување прописи (закони, законски измени и други акти), спроведување на конкретни активности (на пример, зголемување на човечките и техничките капацитети на пробациската служба и сл.), како и меѓуинституционална соработка во полето на пробација (одржување на тркалезни маси со релевантни институции, квартални средби итн.).

Со Акцискиот план на Стратегијата за развој на пробациската служба во Република Северна Македонија се утврдени активностите во рамките на секоја цел и секој резултат утврдени со Стратегијата, а дополнително се утврдени и временска рамка и индикатори за нивно исполнување.

Во таа насока, целта на оваа анализа е да процени дали, во колкава мера и на кој начин се одвива примената на Стратегијата за периодот за кој е предвидена. Дополнително, анализата ќе оцени дали резултатите и активностите се спроведуваат навремено, во согласност со временската рамка, каков е нивниот квалитет и динамиката, како и меѓуинституционалната соработка во полето
на пробацијата. Од друга страна, ќе се анализира и влијанието на реформите врз почитување на човековите права, па во согласност со добиените резултати од мониторингот на Стратегијата, Анализата ќе понуди и заклучоци и препораки за натамошен развој на пробациската служба.

Набљудувањето, како независен систем за мониторинг, ќе придонесе за поголема отчетност на надлежните институции кои се одговорни за спроведување на конкретните активности утврдени во Стратегијата.

МОНИТОРИНГ НА СПРОВЕДУВАЊЕ НА СТРАТЕГИЈАТА НА РАЗВОЈ НА ПРОБАЦИСКА
СЛУЖБА ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (2022-2025) Период на следење: 2021 и 2022

МОНИТОРИНГ НА СПРОВЕДУВАЊЕ НА СТРАТЕГИЈАТА НА РАЗВОЈ НА ПРОБАЦИСКА
СЛУЖБА ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (2021-2025) Период на следење: 2023 година

МОНИТОРИНГ НА СПРОВЕДУВАЊЕ НА СТРАТЕГИЈАТА НА РАЗВОЈ НА ПРОБАЦИСКА
СЛУЖБА ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (2021-2025) Период на следење: 2024 година