Третата стручна расправа за Надминување на затворска пренатрупаност: Унапредување на пробациската служба во РСМ, се одржа на 13.12.2024 година во МАНУ со почеток од 12:00 часот. Настанот беше во организација на Македонското пенолошко друштво и Македонското здружение на млади правници а партнери се и Хелсиншкиот комитет за човекови права и ИЗБОР Струмица.
Оваа стручна расправа следуваше по успешно спроведените расправи во рамките на проектот „Воспоставување услуги во заедницата за поддршка на ресоцијализација и реинтеграција на поранешни осуденици ” поддржан од Европска Унија, на тема – Условен отпуст, електронски надзор и третманот во функција на успешна ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица, копи се одржаа во Скопје и во Прилеп. Од настаните произлегоа конкретни Заклучоци и препораки кои беа споделени со сите надлежни иснстутции.
Организирањето на оваа стручна расправа произлегува по формирањето на работна група во Министерството за правда по предлог на директорот на Управата за извршување на санкциите за донесување нов Закон за измени и дополнувања на Законот за пробација од 2015 година.
Со Законот за пробација се уредуваат пробациските работи и постапката за извршување на алтернативните мерки условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа и куќен затвор, обврски изречени во кривична постапка, во согласност со закон, како и извршувањето на условниот отпуст изречен по одлука на суд, а кои се извршуваат во заедницата.
Целта на настанот беше да се дискутира моменталната состојба со пробацијата и пробациските служби, како и споделување на предизвиците, проблемите и предлог решенијата на темата од страна на чинителите од различните институции кои се дел од процесот, за почеста употреба на овој институт и поголема соработка меѓу засегнатите институции.
На настанот беа присутни професори, Директорот на управата за извршување санкции, директори на казнено-поправни установи, судии, како и претставници на Сектори за ресоцијализација при КПУ и Пробациски канцеларии.