Проф. д-р Годана Лажетиќ и доц. д-р Елена Мујоска Трпевска од Македонско пенолошко друштво се авторки на две нови изданија во рамките на проектот „Воспоставување услуги во заедноцата за поддршка на ресоцијализација и реинтеграција на поранешни осудени лица“, што се спроведува од Македонско здружение на млади правници во партнерство со Хелсиншкиот комитет за човекови права, Избор Струмица и Македонско пенолошко друштво, со поддршка на Европската Унија.

Првата публикација „Перспективи во унапредување на затворскиот систем и остварување на ресоцијализација преку измени на Законот за извршување на санкциите“ (авторка: проф. д-р Гордана Лажетиќ), дава преглед на состојбите во затворите и препораки за подобрување на законската рамка и третманот на осудените лица.

Втората публикација „Пробација насочена кон клучните предизвици за воспоставување ефективен систем за ресоцијализација и социјална адаптација“ (авторка: доц. д-р Елена Мујоска-Трпевска), ги анализира меѓународните и национални стандарди за пробација и ги идентификува насоките за понатамошен развој на системот.

Третата публикација „Профилот на сторителите како предуслов за успешна ресоцијализација и социјална адаптација на осудените лица и деца – Состојба со затвореничката популација во КПУ и деца во ВПД во периодот 2015–2023 година“ (авторки: проф. д-р Гордана Лажетиќ и доц. д-р Елена Мујоска-Трпевска), нуди сеопфатна анализа на трендовите и карактеристиките на затвореничката популација и децата во судир со законот, со посебен фокус на факторите што влијаат врз успешната ресоцијализација и социјална адаптација. Публикацијата ги сумира наодите од релевантни национални и меѓународни извештаи, вклучително и укажувањата на Народниот правобранител, Комитетот за превенција од тортура и Европската комисија, и дава конкретни препораки за унапредување на системот за извршување на санкциите и јакнење на институционалните капацитети.

Публикациите се достапни во електронска форма на веб-страницата на Македонско пенолошко друштво.