На 29 мај 2025 година, во Струмица се одржа тркалезната маса на тема: “Решенија за намалување на пренатрупаноста во затворите: Алтернативни мерки, електронски надзор и успешна ресоцијализација” која е организирана во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители, Македонското здружение на млади правници и партнерите Македонско пенолошко друштво, организацијата Избор и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Воведни излагања на настанот имаа директорот на Управата за извршување на санкциите г-динот Александар Пандов, проектниот координатор Ирена Здравкова, г-н Сократ Манчев и доц.д-р Елена Мујоска Трпевска. Свои излагања на настанот имаа проф. д-р Гордана Лажетиќ, судиите од Основен кривичен суд Скопје Лидија Петровска и Билјана Коцевска, како и Раководителот на Одделението за надзор над извршување на пробациски работи м-р Дијана Ѓероска.

На тркалезната маса учествуваа судии и јавни обвинители од штипско апелационо подрачје, директори на затвори, професори, пробациски службеници.
Настанот опфати воведни излагања и три сесии во кои беа разгледани новините во системот на извршување на санкциите, пошироката примена на алтернативни мерки, предвременото отпуштање, електронскиот надзор и постпеналната поддршка. Учесниците дискутираа за добрите практики и предизвиците во примената, како и за потребата од подобра координација меѓу институциите и граѓанските организации.

Во завршниот дел беше одржана отворена дискусија, на која се формулираа заклучоци и препораки за поефикасна примена на мерките и унапредување на пробациската служба, со цел успешна ресоцијализација на осудените лица и нивна одржлива реинтеграција во заедницата.




Настанот беше организиран во партнерство помеѓу Управа за извршување на санкции/Uprava za izvrsuvanje na sankcii, Академијата за судии и јавни обвинители, Македонското здружение на млади правници и Македонско пенолошко друштво / Macedonian Society of Penology.