На 5 јуни 2025 година, во хотел „Тино Св. Стефан“ во Охрид, Македонско пенолошко друштво, во соработка со повеќе институции и стручната јавност, одржа настан посветен на мерките за намалување на затворската пренатрупаност и зајакнување на процесите на ресоцијализација. Успешните сесии низ различните апелациони подрачја на истата тема продолжија со завршниот настан во Охрид, на кој се сумираа досегашните искуства и се предложија идни насоки.

Воведни излагања на настанот имаа директорот на Управата за извршување на санкции г-динот Александар Пандов, проектниот координатор Ирена Здравкова и доц. д-р Елена Мујоска Трпевска. Своите излагања ги претставија проф. д-р Александра Груевска-Дракулевски, судиите од Основниот кривичен суд Скопје д-р Оља Ристова и Славица Наумова-Јосифовска, раководителот на Одделението за надзор над извршување на пробациски работи м-р Дијана Ѓероска и Христина Здравевска од „Станица 5“.

За време на настанот се разви плодна дискусија за повеќе предизвици и нивно надминување, како и за идни планови за унапредување на пробациската служба. Се истакна важноста од поголема примена на пробацијата како мерка за намалување на преполнетоста на затворите и за обезбедување успешен процес на ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица. Особено беше нагласено дека е надграден и оперативен системот за електронски надзор, кој може да се применува кај куќниот затвор и условниот отпуст.

Настанот беше организиран во партнерство помеѓу Управа за извршување на санкции/Uprava za izvrsuvanje na sankcii, Академијата за судии и јавни обвинители, Македонското здружение на млади правници и Македонско пенолошко друштво / Macedonian Society of Penology.