Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (КПТ) на 15 мај 2024 година го објави извештајот за својата периодична посета на Северна Македонија, која се одржа во октомври 2023 година.

Во текот на периодичната посета на Северна Македонија во 2023 година, делегацијата на Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (КПТ) го оцени постапувањето со лицата задржани во четири казненопоправни установи, особено во затворот Идризово, како и во воспитно-поправниот дом за малолетници.

Исто така, се испита и постапувањето и правните заштитни механизми што им се на располагање на лицата лишени од слобода од страна на полицијата, а се разгледа и делотворноста на истрагите за поплаките за наводно малтретирање на овие лица. Покрај ова, беше испитано и постапувањето со пациентите задржани во две психијатриски болници, како и на лицата сместени во установи за социјална заштита.

КПТ забележува дека изостанува спроведување на неколку препораки од сферата на затворските реформи и, особено, во поглед на состојбите во затворот Идризово. КПТ ги повикува властите на Северна Македонија да ги спроведат овие препораки и да ја одбегнат потребата Комитетот да издаде јавна изјава.

Установи под надлежност на Министерството за правда

На почетокот, Комитетот забележува дека на појавата на пренатрупаност на затворите може делотворно да се одговори преку политика на модулирање на бројот на осудени лица, наместо со уште една амнестија. Комитетот, исто така, го изразува своето гледиште дека спроведувањето на втората фаза на програмата за реконструкција на затворот Идризово, финансирана главно преку заем од Банката за развој при Советот на Европа (Council of Europe Development Bank, CEB) е од клучна важност за стратешката реформа на целокупниот затворски систем, за што КПТ се залага долго време.
Делегацијата прими неколку наводи за физичко малтретирање на затвореници од страна на вработените, главно во КПУ Идризово, во вид на шлаканици, удари со тупаница и клоци. Извештајот, исто така, ја критикува практиката на продолжени и неопределено долги периоди во самица или издвојување на осудениците кои го прекршиле куќниот ред, особено во КПУ Идризово, каде лицата се сместени во ќелија со бедни услови, со нередовна достава на храна, и без понуден пристап до рекреација на отворено. Властите на Северна Македонија треба да ја прекинат ваквата практика. Состојбата со насилство меѓу осудениците е подобрена во затворот Скопје, но и натаму е сериозен проблем во КПУ Идризово, каде делегацијата забележа голем број инциденти, поткрепени со медицинска документација, особено во одделението наречено „Амбуланта“. Коренитите причини за оваа појава и натаму се поврзани со пренатрупаноста, со хронично недоволниот број вработени, отсуството на системот за распоредување во ќелии, и корупцијата кај вработените. Треба да се изготви и да се применува стратегија за искоренување на оваа појава и да се обезбеди подобар надзор од страна на вработените, вклучително и преку видео-надзор.

Извештајот ги забележува обновените планови кои ги има воведено Управата за извршување на санкции (УИС) последниве години и заклучува дека материјалните услови за престој на лицата лишени од слобода се нешто подобрени, и дека напорите да се одржи определено минимално ниво на хигиена и одржување се видливи, особено во затворите во Скопје, Штип и Прилеп. Во затворот Идризово, и покрај неодамнешното реновирање на женското одделение, во остатокот од установата се забележуваат постојани недостатоци, како што се дотрајаните санитарни јазли, нечисти ѕидови што се ронат, нефункционално осветлување, присуството на глодари, немање постелнина и валкани душеци. Извештајот, исто така, ги критикува слабите хигиенски услови за осуденичките и за малолетниците во истражен затвор.

Во однос на режимот што се нуди во посетените установи, извештајот забележува дека, и покрај напорите вложени да се изработат специјални планови за третман на различните категории затворени лица, на осудениците сè уште ретко им се нудат осмислени активности. Притворениците во затвор Скопје исто така чмаат во своите ќелии подолго од 23 часа дневно, а состојбите со малолетниците и жените во истражен затвор и натаму предизвикуваат голема загриженост во аспект на штетните последици од ваквите ограничувања.

Напорите да се ангажираат 70 нови затворски службеници и да се отвори нов центар за обука се земени предвид, но, според КПТ, останува од клучна важност да се обезбеди дека повисоките раководители во затворите (односно директорите и нивните заменици) се именуваат на транспарентен, мериторен и деполитизиран начин. Борбата против корупцијата на вработените останува уште еден важен предизвик каде е остварен само скромен напредок, а мерките кои се за пофалба (како проектот за разузнавање во затворите) допрва треба да покажат резултати.

Во однос на обезбедувањето здравствена заштита за затворениците, извештајот забележува дека се чини дека Министерството за здравство ја прифаќа оваа задача со извесна воздржаност и дека, за жал, не се вработиле здравствени работници во затворите Идризово и Скопје. Во извештаите се истакнати проблемите со пристапот на затворениците до лекар во затворот Идризово, несоодветните медицински систематски прегледи при прием, тешкотиите со поврзувањето со болниците во заедницата и слабото менаџирање на затворениците кои имаат нарушувања со користење супстанции. Понатаму, треба да се зајакнат правните заштитни механизми во примената на дисциплинските постапки и да се воведе подобрен надзор над употребата на мерките на присилба, вклучително подобра обука за вработените. Исто така, постои потреба да се подобри правото на посета на затворениците.

Во Воспитно-поправниот дом Тетово (ВПД) КСТ увиде дека малолетните престапници се сместени во задоволителни услови и им се нуди осмислен режим на активности насочени кон нивна реинтеграција во заедницата, од страна на група посветени професионалци. Сепак, извештајот критикува одредени својства на материјалните услови налик на затвор, како и фактот дека задолжителните образовни активности се суспендирани поради тоа што изостанува финансирање и во очекување да се усвои законодавство. КСТ исто така ја истакнува неопходноста да се ревидираат дозите и типовите психотропни лекови што се препишуваат на малолетните престапници, зашто се чини дека тие се целосно несоодветни.

Целиот извештај е достапен тука

ИЗВОР