Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Здружението за кривично право и криминологија на Македонија и Македонското пенолошко друштво, на 12 мај 2026 година (вторник), со почеток во 11:00 часот, во Амфитеатарот на МАНУ, организираат јавна расправа по Предлог-законот за пробација.
На јавната расправа ќе се дискутираат клучните аспекти на предложените законски решенија, практичните предизвици во примената на пробацијата, како и можностите за унапредување на системот на алтернативни мерки и ресоцијализација на сторителите на кривични дела.
Настанот ќе го отвори академик Владо Камбовски, а воведни обраќања ќе имаат министерот за правда на Република Северна Македонија, г-дин Игор Филков, директорот на Управата за извршување на санкции, г-дин Александар Пандов, проф. д-р Александра Груевска Дракулевски, претседател на Здружението за кривично право и криминологија и доц. д-р Елена Мујоска Трпевска, претседател на Македонско пенолошко друштво.
Во рамки на јавната расправа ќе бидат презентирани и практичните аспекти на пробацијата, преку учество на претставници од академската заедница, судството и пробациските служби.
Целта на настанот е преку стручна и конструктивна дискусија да произлезат заклучоци и препораки во насока на унапредување на текстот на Предлог-законот за пробација.