Во периодот 13-14 септември 2023 година во Сараево, Босна и Херцеговина се одржа регионална работилница за Југоисточна Европа на тема „Мониторинг на затворот и заштита на човековите права при спречување и спротивставување на насилен екстремизам и радикализација кон тероризмот (VERLT) во затворите“ (“Detention monitoring and the protection of human rights while preventing and countering violent extremism and radicalization to terrorism (VERLT) in prisons”).
Работилницата беше организирана од страна на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина. Целта на работилницата беше промовирање на независен мониторинг на затворот и зголемен надзор за подобра заштита на правата на лицата лишени од слобода, при ефикасно спречување и спротивставување на насилен екстремизам и тероризам во затворите.
На настанот свое обраќање имаше проф. д-р Александра Груевска Дракулевски, ко-основач на Македонското пенолошко друштво, на тема „Заштита на човековите права во затворите при спречување радикализација што доведува до тероризам или насилство: случајот на Република Северна Македонија“. Во презентацијата беше истакнато дека Република Северна Македонија презема сериозни пристапи кон справување со проблемот на спречување и спротивставување на насилниот екстремизам и радикализација на тероризам (VERLT) во затворите, а притоа прави напори да не ги повреди правата на затворениците. Накратко беа презентирани активностите на клучните институции вклучени во процесот согласно нивните годишни извештаи, и тоа, Управата за извршување санкции, Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Националниот превентивен механизам, Омбудсманот и граѓанските организации.
На настанот учествуваа повеќе од 60 национални и меѓународни експерти, како и монитори на затвор и претставници на релевантни институции и практичари од казнено- поправните установи од Југоисточна Европа каде што ОБСЕ има теренски операции.
Заклучокот е дека преземањето мерки за спречување на радикализацијата во затворите е од клучно значење. Потоа, подигање на јавната свест, промовирање на толеранција и поддршка на реинтеграцијата на странските терористички борци – повратници назад во заедницата. Потребно е да се понудат мерки и активности за нивна успешна реинтеграција назад во општеството откако ќе се направи проценка на ризикот за секое лице поединечно. На овој начин, придобивката ќе биде повеќекратна, како за лицата, така и за општеството во целина, бидејќи со нивната успешна реинтеграција ќе се спречат идните криминални активности на овие лица, но ќе се спречи и заканата од радикализација на други лица. Европските земји имаат искуство во спроведување на програми за реинтеграција, искуства кои треба да ги следи нашата земја, како и помошта што ја нудат меѓународните организации. Државите имаат обврска да го спречат и да се спротивстават на тероризмот, но исполнувањето на оваа обврска не смее да биде на сметкана човековите права на затворениците.
Линк до објавата на OSCE