Над 80 граѓански организации го искористија саботниот сончев ден и ги претставија своите здруженија пред граѓаните во Градскиот парк околу Школка како дел од Фестивалот на Цивика мобилитас, „Ден на граѓанските организации“. Оваа година фестивалот се одржуваше во услови на пандемија, а истовремено ги славеше успесите и одговорот кој го дадоа организациите во справувањето со истата. Како што напомена амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. Сибил Сутер Тејада, овој ден и Фестивалот на Цивика мобилитис е пример за тоа како и покрај рекордните 86 организации на граѓанското општество е возможно да се почитуваат мерките за безбедност додека се прикажува работата и активностите на организациите на граѓанското општество.

Програмата, како и секоја претходна година, ја сочинуваа бројни и разнолични активности. Организациите им го свртеа вниманието на минувачите преку квизови, игри, работилници, изложби, драмски изведби и видео проекции. Граѓаните имаа можност да се информираат за тоа како да станат поодговорни при употребата на природните ресурси, како да станат донатори и да придонесат во своите локални заедници, каде да бараат повеќе информации за различните облици на трговијата со луѓе, кој може да им даде бесплатни правни совети, со кого да разговараат за менталното здравје и да се тестираат за ХИВ и веднаш да ги добијат резултатите.

Оваа година Фестивалот на граѓанските организации се поклопи со Светскиот ден за борба против сиромаштијата, па неколку од хуманитарните организации имаа акции за собирање и дистрибуирање на прехранбени артикли и облека на лицата на кои им е најпотребно. Неминовно е дека главната тема на овогодинешниот Фестивал беше справувањето со пандемијата, но истовремено и славењето на оние кои беа меѓу првите кои излегоа на терен за да помогнат, оние кои помогнаа во креирањето мерки за поуспешно надминување на пандемијата и оние кои секогаш во преден план ги имаат потребите на нивните заедници.

Македонско пенолошко друштво Скопје со проектот „Превенција на детско претстапништво“ e добитник на акциски грант (ЦМ-АКТ-05) за периодот јуни 2020 – ноември 2021.

Галерија од настанот на следниот линк.