Втората стручна расправа за Надминување на затворска пренатрупаност: Унапредување на пробациската служба во РСМ, ќе се одржи на ден 13.12.2024 година во малите работни сали на МАНУ со почеток од 12:00 часот. Настанот е во организација на Македонското пенолошко друштво и Македонското здружение на млади правници а партнери се и Хелсиншкиот комитет за човекови права и ИЗБОР Струмица.

Ова е втора стручна расправа по успешно спроведената расправа во рамките на проектот „Воспоставување услуги во заедницата за поддршка на ресоцијализација и реинтеграција на поранешни осуденици ”  поддржан од Европска Унија, на тема – Условен отпуст, електронски надзор и третманот во функција на успешна ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица кој се одржа на 4.10.2024. Од настанот произлегоа конкретни Заклучоци и препораки кои беа споделени со сите надлежни иснстутции.

Организирањето на оваа стручна расправа произлегува по формирањето на работна група во Министерството за правда по предлог на директорот на Управата за извршување на санкциите за донесување нов Закон за измени и дополнувања на Законот за пробација од 2015 година.
Со Законот за пробација се уредуваат пробациските работи и постапката за извршување на алтернативните мерки условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа и куќен затвор, обврски изречени во кривична постапка, во согласност со закон, како и извршувањето на условниот отпуст изречен по одлука на суд, а кои се извршуваат во заедницата.

Целта на настанот е да се дискутира за моменталната состојба со пробацијата и пробациските служби, како и споделување на предизвиците, проблемите и предлог решенијата на темата од страна на чинителите од различните институции кои се дел од процесот. Исто така, промовирање на почеста употреба на овој институт и поголема соработка меѓу засегнатите институции.

На настанот ќе бидат присутни академици, професори, Директорот на управата за извршување санкции, директори на казнено-поправни установи, судии, како и претставници на Сектори за ресоцијализација при КПУ и Пробациски канцеларии.ж

Вашето присуство и придонес на овој настан ќе биде од особено значење за детектирање на состојбите, предизвиците и наоѓање на решенија, како и за промовирање на нашите заложби.