Во пресрет на новогодишните празници, Македонското пенолошко друштво реализираше предновогодишна донација на спортска опрема и забавни игри за потребите на штитениците од Воспитно-поправниот дом Волковија – Тетово.

Активноста е дел од континуираните напори на Друштвото за унапредување на условите за ресоцијализација и социјална инклузија на младите во воспитно-поправните установи, преку промовирање на здрави животни навики, физичка активност и конструктивно користење на слободното време.
Донираната спортска опрема и игрите ќе придонесат кон развој на тимскиот дух, соработка и меѓусебна почит меѓу штитениците, како и кон создавање попозитивна и поддржувачка средина во рамките на установата. Спортот и играта претставуваат значаен сегмент во воспитно-поправниот процес, особено во контекст на развој на социјални вештини и лична одговорност.

Македонското пенолошко друштво упатува благодарност до сите кои дадоа свој придонес во реализацијата на оваа активност и ја поддржаа иницијативата за создавање похумани услови и посмислени активности за младите во ВПД Волковија.

Друштвото ќе продолжи со реализација на слични активности и во иднина, со цел зајакнување на ресоцијализациските механизми и поддршка на воспитно-поправните институции во Република Северна Македонија.
