Оваа студија е фокусирана на значењето на работата како облик на третман во насока на остварување успешна ресоцијализација и реинтеграција на затворениците. Преку спроведеното истражување базирано врз примарни и секундарни податоци, извршена е евалуација на спроведувањето на работата како облик на третман во нашата земја и формулирани се
препораки за ефикасна примена во функција на остварување ефикасна ресоцијализација и реинтеграција во заедницата на осудените лица.
Во документот е опфатена меѓународната регулатива. Анализирани се меѓународните документи што се однесуваат на правата на затворениците, конкретно одредбите за работата како третман на осудените лица, и тоа, Правилата на Нелсон Мандела (ПНМ) – ревидираните Стандардни минимални правила за постапување со затворениците и Европските затворски правила (ЕЗП).
Потоа, анализирана е работата на осудените лица според извршното казнено право на Република Северна Македонија, и тоа, Законот за извршување на санкциите и подзаконските акти. Во емпирискиот дел на студијата е спроведено истражување за работниот ангажман на затворениците во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија, фактичката состојба, проблемите и можните решенија.
Побарани се податоци од сите казнено-поправни установи преку Управата за извршување санкции (УИС). Исто така, користени се и достапните годишни извештаи на УИС за состојбата и работењето на казнено-поправните и воспитно-поправните установи во РСМ. Достапните податоци се систематизирани и од нивната анализа произлегоа одредени заклучоци,
констатации и предлози.
Оваа студија е изработена во рамките на проектот „Воспоставување услуги во заедницата за поддршка преку ресоцијализација и реинтеграција на поранешни осудени лица“, проект финансиран од Европската Унија.