Оваа основна студија е фокусирана на значењето на постпеналната помош и нејзиното ефикасно спроведување во насока на превенирање на рецидивизмот и со тоа успешна реинтеграција на лицата назад во општеството, од што корист ќе има и лицето и општеството во целина.
Преку спроведеното истражување базирано врз примарни и секундарни податоци, извршена беше евалуација на спроведувањето на постпеналната помош во нашата земја и беа формулирани препораки за нејзина ефикасна примена во функција на спречување на рецидивизмот и успешна реинтеграција на лицата по отпуштање од казнено-поправна установа. Во документот е опфатена актуелната законска рамка за укажување постпенална помош согласно Законот за извршување на санкциите и подзаконските акти, како и меѓународни документи во оваа област. Покрај тоа, во студијата се обработени и примарни податоци што беа обезбедени преку податоци од Државниот завод за статистика, Управата за извршување на санкциите и Министерството за труд и социјална политика.
Документот нуди неколку препораки за клучните носители на политики, првенствено центрите за социјална работа, Управата за извршување на санкциите, казнено-поправните установи, како и другите институции и организации што работат во областа на укажување постпенална помош во нашата земја.
Оваа основна студија е изработена во рамките на проектот „Воспоставување услуги во заедницата за поддршка преку ресоцијализација и реинтеграција на поранешни осудени лица“, проект финансиран од Европската Унија.