На 04.10.2024 година во х.Мериот-Скопје со почеток од 10:00 часот се одржа стручна работилница на тема: Условен отпуст, електронски надзор и третманот во функција на успешна ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица. Настанот беше во организација на Македонското пенолошко друштво и Македонското здружение на млади правници а партнери на проектот се и Хелсиншкиот комитет за човекови права и ИЗБОР Струмица.
Целта на настанот беше да се дискутира за моменталната состојба на институтот на условниот отпуст, како и споделување на предизвиците, проблемите и предлог решенијата на темата од страна на чинителите од различните институции кои се дел од процесот. Исто така, промовирање на почеста употреба на овој институт и поголема соработка меѓу засегнатите институции.
Денес, повеќе од очигледно е незадоволството од (застарените) решенијата на постоечкото казнено право и воопшто системот на казнена правда, што резултира со постојани измени на Кривичниот законик на Република Македонија. Големиот бран измени на законикот како да не може да ги достигне очекуваните и посакуваните цели како противтежа на порастот на криминал во државата.
Што се однесува до кратките казни затвор, пак, потребен е цврст став за прекинување на „традицијата“ на македонските судии за изрекување кратки казни до шест месеци додека се изнајде начин за нивно целосно исклучување од системот на казненоправни санкции. Нивниот број мора да биде сведен на минимум. Ако судијата сепак одлучи да му изрече кратка казна на сторителот на казненото дело, треба да даде комплетно образложение зошто ја донел таквата одлука!
Со намалување или, во најдобар случај, исклучување на изречените кратки казни во македонската судска практика, се дава можност за промоција на позитивните аспекти на алтернативните мерки. Така е во другите казненоправни законодавства во регионот, а така е и во светот.
Македонскиот систем на санкции би почувствувал вистинско растоварување ако започне со широка примена на општокорисната работа како алтернативно решение на казната затвор или, пак, пробацијата – мерка што постепено го добива заслуженото место во системот на казнено-правни санкции. Покрај овие алтернативни солуции, тука се и веќе докажаните алтернативи условна осуда или условна осуда со заштитен надзор – мерки што претставуваат можност за драстично намалување на стапката на затворската популација.
Во таа насока и одржувањето на стручната работилница.
Основна карактеристика на современиот казнено-поправен систем е променетиот однос кон работата на осудените лица. Во современите казнено-поправни системи, работата на затворениците се користи како главна форма на третман при нивната ресоцијализација. Работата на затворениците како форма на третман се разгледува од два аспекта: прво, преку работата, затвореникот треба да стекне работни навики, исто така, затвореникот треба да биде убеден дека работата може да му обезбеди пристоен, чесен и среќен живот и, второ, преку работата, затвореникот треба да се оспособи за стекнување соодветни стручни и професионални квалификации што ќе му обезбедат поголема финансиска и социјална сигурност во животот на слобода.
Во пенологијата денес се истакнува дека работата на осудениот е клучна карактеристика во неговото оспособување да води усогласен општествен живот. Истакнувајќи ја работата како примарен облик на третман на затворениците, некои автори зборуваат за „социјализација преку работа“, а оние автори што се клинички ориентирани зборуваат за „работна терапија“ како главна
форма на третман.
Основните принципи за организација на работата како облик на третман на осудените лица се имплементирани во македонскиот Закон за извршување на санкциите, што го прави современ закон.
Од анализата на податоците за работниот ангажман на осудените лица во РСМ може да се заклучи дека работниот ангажман на осудените лица се организира во и надвор од казнено-поправните установи врз основа на претходна согласност на осуденото лице да ја врши работата што му е доделена. Во просек, околу 67 % од осудените лица што издржувале казна затвор во казнено-поправните установи биле работно ангажирани. Поголемиот број од осудените лица што се работно ангажирани се класифицирани во отворени и полуотворени казнено-поправни установи, односно одделенија во рамките на установите.
Надоместокот што го добиваат затворениците е далеку од правичен надоместок за нивниот труд, а во некои казнено-поправни установи, на затворениците не им се дава ништо за нивната работа. Оваа сегашна состојба треба колку што е можно поскоро да се подобри, бидејќи е контрапродуктивна на поимот работен третман на затворениците и нивна ресоцијализација.
Прашањата за работата на осудените лица како облик на третман во пенитенцијарната практика во Република Северна Македонија бараат подобрувања. Се надеваме дека тоа ќе се постигне со планираните активности со Национална стратегија за развој на пенитенцијарниот систем во Република Северна Македонија (2021-2025).
Стручната работилница на тема: Условен отпуст, електронски надзор и третманот во функција на успешна ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица е прва од трите стручни расправи што Македонско пенолошко друштво ќе ги одржи во насока на надминување на предизвиците на затворската пренатрупаност.
Втората стручна расправа ќе биде посветена на предизвиците со кои се соочуваме при имплементирање на Пробацијата и колку се потребни измени на Законот за пробација а третата завршна стручна расправа ќе се однесува на потребите од измена и дополнување на Законот за извршување на санкциите.