Македонско пенолошко друштво на 17 oктомври 2023 организираше настан насловен „Предлог законот за амнестија и процесот на ресоцијализација и реинтеграција на претходно осудените лица во Република Северна Македонија”.
На настанот експертската јавност критички ги оцени мотивите за донесување на предлог законот за амнестија и дискутираа дали ситуацијата во затворските установи би се сменила со предложениот закон за амнестија од јули 2023 година.
Исто така, беше претставена анализата „Создавање (не)правда: Амнестија во Република Северна Македонија и нејзиното влијание врз рехабилитацијата и ресоцијализацијата на осудените лица”, изработена од доц. д-р Елена Мујоска Трпевска и проф. д-р Гордана Лажетиќ, чија цел е да одговори на прашањето: дали носењето чести закони за амнестија има позитивно влијание врз рехабилитацијата и ресоцијализацијата на осудените лица, и дали тие (би) биле успешно реинтегрирани во општеството- или пак предлог законот претставува уште едно покажување политичка волја.
Настанот се одржа во рамки на проектот „Воспоставување услуги во заедницата за поддршка на ресоцијализација и реинтеграција на поранешни осуденици “ финансиски поддржан од EU Delegation to the Council of Europe, а спроведуван од Mакедонското здружение на млади правници во партнерство со Македонското пенолошко друштво, Хелсиншки комитет за човекови права и Здружение за советување, лекување, реинтеграција и ресоцијализација на лица зависни од психоактивни супстанции ИЗБОР.
ЗАКЛУЧОЦИ
од одржана јавна дебата за предлог законот за амнестија и процесот на ресоцијализација и реинтеграција на претходно осудените лица во РСМ
Настанот го отвори доц. д-р Елена МУЈОСКА ТРПЕВСКА, претседателка на Македонско пенолошко друштво, која ја започна јавната дебата со претставување на изработената анализа за предложениот закон за амнестија. Таа истакна дека актите за амнестија треба да се користат со претпазливост и само по суштински анализи и истражувања бидејќи амнестијата претставува метод на законодавната власт за директно влијание врз судските практики. Од друга страна, пренатрупаноста на затворите што во јавноста беше посочена како главна причина за донесување на овој акт, само привидно се намалува со донесување закони за амнестија, бидејќи од досегашните искуства, амнестираните што не се ресоцијализирани, а потпаѓаат под критериумите за амнестија, за многу краток временски период се враќаат во казнено-поправната институција. Во нашата држава, долги години научната јавност укажува на проблематичноста на кратките казни затвор (до една година) од аспект на неможноста третмански да се влијае врз осудените лица, но во практиката, трендот на изрекување кратки казни затвор продолжува. Од аспект на превоспитување и влијание врз сторителите на кривични дела, многу покорисно би било изрекувањето алтернативни мерки што овозможуваат поттикнување на одговорноста, дисциплината, придржувањето кон обврските од страна на осуденото лице, отколку изрекување кратки казни, па амнестија на осудените, со што отпаѓа основот за какво било позитивно влијание врз осуденото лице: „Пред да се размислува на амнестијата како можност за намалување на пренатрупаноста во затворските установи, треба да се направи прецизен план, имајќи ги предвид структурата на затворениците, стореното дело и нивното однесување за време на издржувањето на казната затвор, што во моментов не е случај“, нагласи доц. д-р Мујоска Трпевска. Проф. д-р Светомир ШКАРИЌ своето видување го започна со тврдењето дека амнестијата што власта сака да ја донесе наредниот период ќе биде поради нужда, а не поради рационалност. Преку носење на такви закони, законодавецот го уништува судството. Затворите се пренатрупани, нема место за нови криминалци, а според него тоа е дозволено и поради немарност на одговорните лица за одржување на затворските услови. Тој истакна дека со вакви постапки страда правото а посебно страдаат уставното и кривичното право. Зошто уставното? Затоа што со секоја амнестија, а со оваа посебно, прешироко се навлегува во судската власт. Фактички, Собранието преку овој закон игра улога на суд и тоа суди по кратка постапка, законот го носи по итна и кратка постапка. Тој смета дека ситуацијата е парадоксална, бидејќи од една страна се водат судски постапки во кои се внимава обвинетиот да дојде до израз и да го каже своето мислење, а судијата носи пресуда и сега одеднаш со закон таа одлука ќе се укине и целиот судски труд ќе падне во вода. Сличен став изнесе акад. Владо КАМБОВСКИ смета дека носењето закони за амнестија значат упаѓање на Собранието во сферата на казнената политика. Во конкретниот случај, според него, треба да се преиспита дали аргументите на предлагачите се оправдани. Тој исто така, истакна дека главно преовладува аргументот за преоптовареност на затворите, што треба дополнително да се испита дали е издржан или не. Според него, капацитетите на затворите, во Република Северна Македонија се слаби и постојано добиваме забелешки од Советот на Европа и КСТ. Но, тој нагласува дека тоа не е доволно, нашите стандарди се под стандардите определени од ООН и Советот на Европа како стандардни минимални правила за третманот на осудените лица а тие стандарди постојано се подигаат повисоко и повисок. Неговиот впечаток е дека има оправданост ако се гледаат сликите од затворите и исказите на луѓето што биле во нив: „Не можете вие човекот да го фрлите во такви услови на лишување од слобода кои се крајно нехумани; правени се напори низ законодавството, затворот да се употребува само како крајна мерка и да се применуваат се повеќе алтернативни санкции, прво кај претстапници условно кажано на полесни дела, меѓутоа тешко се пробиваат тие иновации во нашата пракса“. Проф. д-р Александра ГРУЕВСКА ДРАКУЛЕВСКИ изнесе дека Амнестијата треба да се користи само како корисен криминално-политички инструмент за разрешување на одредени ситуации кои може да настанат по правосилност на пресудата. Односно да ја воспостават правдата во ситуации предизвикани со честите измени на законите: кога новиот закон укинува некоја инкриминација или предвидува поблаго казнување. Според неа, закони за амнестија да се носат само по спроведена сеопфатна анализа, бидејќи во спротивно, амнестијата ќе биде во спротивност со основната цел – ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица и ќе ја изгуби својата смисла како кривично-правен, кривично-процесен и пенолошки институт. Амнестијата да не се користи многу често и да се анулираат било какви можни злоупотреби во политички цели. Пренатрупаноста на затворите да не се користи како изговор за честото носење на закони за амнестија. Амнестијата го решава проблемот на пренатрупаност само на краток рок а на долг рок проблемот треба да се решава системски согласно препораките на Советот на Европа, и тоа, со почеста примена на алтернативните санкции и мерки и со почеста примена на условниот отпуст. Понатаму, еден од приоритетите треба да биде унапредување на третманот додека се во затвор и постпеналната помош по излегување од затворот. Несоодветните услови за живот на затворениците и на притворениците и проблемите со кои со години се соочува пенитенцијарниот систем во Македонија, а за кои КПТ и НПМ со години заклучуваат дека се под стандардите пропишани со националните закони и меѓународните документи и ги опишуваат како нехуман и понижувачки третман, не треба и не може да се решат со закони за амнестија. На затворскиот систем му е потребна итна и сериозна реформа. Потребен ни е затворски систем кој ќе ја остварува основната цел на казната затвор, а тоа е ресоцијализиација и успешна реинтерграција на осудените лица, а не да продуцира рецидивисти. Со спротивен став излезе проф. д-р Гордан КАЛАЈЏИЕВ, кој истакна дека амнестијата првенствено е потребна за да се растеретат затворите, што ќе ја подобри состојбата во затворите од аспект на човековите права. Ова особено за да се избегне осуда од страна на Советот на Европа по посетата на КСТ. Тој укажа дека амнестијата е правична и затоа што условите во затворите се потешки од нормално: „Како професор и експерт се залагам за неселективна амнестија од две причини и тоа: 1) не е правична затоа што видот и тежината на делото се веќе одмерени во казната и 2) Уставниот суд веќе поништи селективно помилување“. Тој дополнително ја нагласи важноста да се вклучат и доживотните затвореници. Според судијката м-р Оља РИСТОВА, предлог законот за амнестија е привремено решение за намалување на пренатрупаноста на затворите и претставува делумно решавање на проблемот, односно намалување на затворската популација за краток временски период, без предлог решение подобрување на лошите услови во затворите. Предлог Законот за амнестија и Законот за амнестија од 2018 година се речиси идентични и ја имаат истата цел: „амнестирање одредена група на правосилно осудени лица, со цел за нивна ресоцијализација и растеретување на затворите од прекумерниот број на лица кои се наоѓаат на отслужување на затворска казна.“ Ова значи дека во изминатиот период од пет години од донесувањето на Законот за амнестија во 2018 година до денес државата не презела мерки за да ги подобри условите во затворите и да подготви програма за реоцијализација на осудените лица во затворите. Како резултат на не постоење на конкретни мерки или акациски план од страна на државата, во тој период дел од амнестираните лица, ги повторија делата и за неколку месеци беа повторно осудени за ист вид на кривични дела и се вратија во затворите. Целта на Законот за амнестија во 2018 година не беше остварена, повторно следат извештаи на КПТ за пренатрупаноста и лошите услови во затворите. Државата не ја исполнила својата цел односно потфрлила во овој период. Што можела да преземе државата за изминатите 5 години:
- Да ја подобри состојбата во затворите, да ги подобри затворските услови
- Да го зајакне процесот на рехабилитација на осудените лица внатре во затворските установи.
- Да ги обучи судиите за значењето на процесот на ресоцијализација и реинтеграција на затворениците по нивното отслужување на казната со цел судовите да носат одлуки со подолго времетраење на условниот опуст со заштитен надзор
- Да ја зацврсти или зголеми соработката помеѓу затворот, пробациските служби и судовите
Според м-р Ристова во оваа насока потребно е:
- Да се направи темелна анализа на затворската популација, колку осудени лица издржуваат казна во затворите и за кои кривични дела;
- Колкава е бројката на лицата кои биле амнестирани со Законот за амнестија од 2018 година кои се рецидивисти и кои се причините поради кои повторно дошле во судир со законот, односно ги повториле делата
- Да се зголеми бројот на вработените Секторите за ресоцијализација во затворите и да се направи обука на овие вработени за спроведување на процесот на ресоцијализација и реинтеграција во затворите и изготвување на индивидуални програми за секој затвореник посебно;
- Секогаш кога ќе се створат услови да се предлага условен отпуст со заштитен надзор до надлежните судови во соработка со надлежната пробациска канцеларија;
- Да се поттикнат судовите да даваат долги условни отпусти и да излезат од носење формални и идентични решенија за условен отпуст по основ на кривично дело, а не врз основа на индивидуалното поведение на осудените лица;
- Да се спроведат заеднички обуки за вработените во затворите, пробациските службеници и судиите за значењето на условниот отпуст во корелација со реализирање на индивидуалната програма на секој затвореник посебно
На целосно амнестираните лица не може да им се дадат мерки на заштитен надзор согласно законот. Оттука се доведува во прашање ресоцијализацијата и реинтеграција на ослободените лица. Препорака е амнестираните лица да бидат упатени каде да се обратат за помош доколку им е потребна до надлежните државни органи (МТСП Центар за социјална работа, Агенција за вработување, Министерство за здравство, Министерство за образование, Граѓански организации). Да се изработат летоци со упатства и броеви и да се поделат на секое амнестирано лице при излегување од затворот. На овој начин ќе се превенира дел од амнестираните повторно да се впуштат во криминални активности. Исто така, потребно е да се поттикнат судовите во овој период наместо краткотрајни казни затвор до 6 месеци да изрекуваат алтернативни мерки со заштитен надзор, бидејќи казната затвор до 6 месеци нема да постигне никаков ефект. Со сите расположливи човечки ресурси во затворите веднаш да се почне со изготвување на реални индивидуални програми за ресоцијализација и реинтеграција во заедницата на сите амнестирани лица на кои казната затвор би им се намалила за 30% со новиот – предлог Закон за амнестија за да се постигнат целите на законот. Од овие причини потребна е помош и поддршка на осуденото лице од страна на надлежните институции (МТСП – Центар за социјална работа, Агенција за вработување, Министерство за здравство, Министерство за образование) веднаш по отпуштање од затвор и негово прифаќање во заедницата, што ќе се постигне преку распределба на задачите помеѓу институциите и висок степен на нивна меѓусебна соработка. Меѓу институционалната соработка, формирање на мултидисциплинарни тимови и вклучување на граѓанскиот сектор во пост-пеналната помош се од огромно значење за поддршка на осуденото лице и негово справување со емоционалните, финансиските прашања и неговото враќање во семејството и заедницата.