Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на 22 јули 2019 година, одржи јавна расправа на тема „Состојбата со човековите права во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија“. На јавната расправа присуствуваа членови од МПД. Јавната расправа се одржа непосредно по констатацијата на НП и НПМ дека условите за сместување на осудените лица се исти како и претходните години, со што и натаму се нарушува човечкото достоинство. Во затворите има нехумани услови и потребно е итно преземање мерки и активности за подобрување на материјалната инфраструктура во казнено-поправните установи, особено во притворските одделенија, при што ќе се води сметка за целосно почитување на минималните стандарди за задржување на лица.

Оваа група имаше за цел согледување на состојбите во кои се наоѓаат овие установи и предизвиците со кои се соочуваат, а како резултат на посетите беше свикана оваа јавна расправа со учество на сите засегнати страни заради утврдување на идните мерки кои би можеле да бидат преземени.
Во периодот од јули 2018 до јули 2019 година Работната група реализираше посета на три казнено-поправни установи: Затворот КПД Идризово, Затворот КПД Штип и КПУ Затвор Охрид. Во рамките на посетата се реализираа средби со директорите на наведените казнено-поправните установи, вработените, но исто така се оствари и директен контакт со осудените лица.
На крајот од јавната расправа беше договорено констатациите од Извештајот да се доработат во заклучоци согласно изнесените забелешки и истите да се усвојат на првото продолжение на оваа седница.