На 12 мај 2026 година, во Амфитеатарот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), се одржа јавна расправа по Предлог-законот за пробација, во организација на Македонското пенолошко друштво, Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ и Здружението за кривично право и криминологија.

Настанот обедини претставници на институциите, академската и стручната јавност, судии, експерти и практичари, со цел отворање поширока дискусија за реформата на пробацискиот систем и унапредување на примената на алтернативните мерки и санкции во Северна Македонија.

Јавната расправа ја модерираа академик Владо Камбовски и доц. д-р Елена Мујоска Трпевска од Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ и претседател на Македонското пенолошко друштво. Во рамките на поздравните обраќања се обратија академик Владо Камбовски, министерот за правда Игор Филков, директорот на Управата за извршување на санкциите Александар Пандов, како и проф. д-р Александра Груевска Дракулевски, претседател на Здружението за кривично право и криминологија.

Во рамките на настанот беше презентиран Нацрт-предлогот на Законот за пробација, при што доц. д-р Елена Мујоска Трпевска и проф. д-р Гордана Лажетиќ од Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје и дописен член на ЦСИ МАНУ, ги презентираа клучните новини, концепциските решенија и предвидените механизми за унапредување на пробацискиот систем.

Посебен фокус беше ставен на зајакнување на примената на алтернативните мерки, ресоцијализацијата и реинтеграцијата на осудените лица, како и на воспоставување поефикасен систем на надзор и меѓуинституционална координација. Во дискусијата беа отворени прашања поврзани со електронскиот надзор, практичната примена на пробациските мерки од страна на судовите, како и потребата од понатамошно јакнење на пробациските служби и капацитети.

Во делот посветен на практичните аспекти на пробацијата, свои излагања имаа д-р Оља Ристова, судија во Апелациониот суд Скопје, м-р Дијана Ѓеровска, раководител на Одделението за надзор на извршување на пробациски работи, и проф. д-р Стојанка Мирчева од Факултетот за безбедност – Скопје при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Настанот претставува значаен придонес кон креирањето современ и европски усогласен систем на пробација, заснован на принципите на ресоцијализација, индивидуализиран пристап и поголема примена на алтернативните мерки како дел од современата казнена политика.